Советот на Општина Кочани ја одржа 30 редовна седница, на чиј дневен ред се најдоа Годишниот извештај за Буџетот на Општина Кочани, програмски извештаи, а се разгледуваа и завршните сметки на основните и средните училишта и на КЈП „Водовод“.

Според Завршната сметка на Буџетот на Општина Кочани, вкупните приходи се реализирани со 91 %, каде најголем удел имаат даночните приходи односно данокот на имот. Вкупните расходи во 2014 година се реализирани со 92 %.

Опозициските советници најдоа забелешки и не ги поддржаа завршните сметки на општинските училишта, нагласувајќи дека дел од нив имаат нереални трошоци за огревно дрво, телефонски услуги и за канцелариски материјали.

Во врска со извештајот за работењето на КЈП „Водовод“ беше истакната стагнацијата на приходите во Работната единица „Геотерма“. Во својата дискусија, членот на Советот, Ѓорѓи Алексов, рече дека според финансиските показатели КЈП „Водовод“ е во добивка која не е реална, што е потврдено и во ревизорскиот извештај. Директорот на „Водовод“, Љупчо Папазов, отфрлувајќи ги тие констатации додаде дека токму ревизорскиот извештај ја потврдува исправноста на прикажаните резултати.

Советот отвори низа прашања поврзани со хигиената на Пониква, за потребите од возило за распрскување сол и цистерна за вода за пиење, за реализирање акција за собирање на електронскиот отпад, за подобрување на мерките за третманот на кучињата-скитници. На крајот, градоначалникот Ратко Димитровски одговараше на советнички прашања.