Со цел да се направи преглед на реализираните проекти од Декадата на Ромите, во работна посета на Кочани престојуваше министерот без ресор во Владата на Република Македонија, Неждет Мустафа.

На средбата со градоначалникот Ратко Димитровски и претставници на ромските здруженија се разговараше за досегашните актовности во образованието и социјалната заштита.

Според министерот Мустафа, забележителен е напредокот во подобрувањето на условите за живот на овие наши сограѓани, а таквиот тренд ќе продолжи и во наредниот период.

– Секоја година инвестираме во подобрување на инфраструктурата каде што живеат Ромите, со нов асфалт, канализација, водовод… Сѐ уште има проблеми кои треба постепено да се решаваат. Меѓу нив е обезбедувањето места во градинките за децата Роми, стипендирањето на средношколците од ромска припадност и др.

Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека Кочани е меѓу најдобрите општини во државата која посветува внимание на решавањето на проблемите што ги има ромската популација, посебно во процесот на образованието и социјалната заштита. За оваа година, тој го најави довршувањето на улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало, со средства од Владата на Македонија и Општина Кочани.

При посетата на Кочани, германски експерт изврши специјален мониторинг на работата на Ромските информативни центри и медијаторите. Од оваа година ќе се воведе посебен метод со конкретни податоци, име, презиме и потпис на лицата што примиле помош од Ромските информативни центри. Целта е да се постигне поголем успех со иницијативата за помош во борбата против сиромаштијата кај Ромите.