Untitled Document
kocani.gov.mk
wikipedia
Untitled Document
Природни ресурси
Оризот – симбол на Кочани

Сите разговори за Кочани почнуваат со оризот, симболот на Кочанско.

Кочанскиот ориз е првиот заштитен производ со ознака на потеклото во Република Македонија. Внесен е во регистарот на ознаки на потеклото на Заводот за заштита на индустриската сопственост во 1999 година. Во образложението со кое се признава ознаката на потеклото стои дека овој ориз се карактеризира со дебело, кратко и широко зрно, стаклесто, со мал брашнест дел на попречниот пресек. Кочанскиот ориз се произведува во Кочанската Котлина, меѓу Кочани на север и Мородвис на југ, чија должина е 26 км, со нето обработлива површина од 12 205 ха.

Со патот на оваа едногодишна билка до Кочани, се поврзани повеќе легенди и преданија, а првите писмени записи потекнуваат дури од XVI век.

Според едно од преданијата забележано во патописните белешки од 1930 година оставени од Тодор Маневиќ, одгледувањето на оризот во Кочанско се поврзува со времето на Александар Македонски, кој го донел по походот во Персија.

Според легендата за името на селото Оризари, арпата била донесена во втората половина на IX век, во времето на Константин Брегалнички, од отец Арсо, на враќање од Египет, од поклонение на Божјиот гроб.

Според други теории, донесувањето на оризот во Кочанско се поврзува со дубровничките трговци. Со приближно истиот временски период се сместува и легендата за трговецот Кочо, според која оризот веројатно бил донесен пред 1337 година, заради поврзаноста со името на градот, кое во пишани документи првпат се споменува во повелбата на деспот Јован Оливер помеѓу 1332 – 1341.

Првите писмени записи за оризопроизводството се среќаваат во повеќе пописни листи за македонската територијата каде се забележани места со името Челтикчилер, Челтикчи или Челтикчија, со превод – Оризари, податок кој наведува на претпоставка дека е можно тие да постоеле од почетокот на XV век.

Во пописниот лист за 1519 година е даден список на оризарските села од Ќустендилскиот санџак. Во него за Кочанската и за Штипската нахија, се споменува селото Челтукчи (Оризари).

Населението коешто одгледувало ориз било познато под името оризари или челтукчи. Отоманската Империја му придавала посебно значење на неговото одгледување. Оризарите биле ослободени од тешките давачки, ангарии и други даноци. Поради исклучителната важност за државата, оризот бил засејуван и на државно земјиште.

Во Турските тефтери од 1570 година се набројуваат места покрај реката Брегалница што се сеат со ориз, а се споменуваат и жителите од селата, кочинци и бојковци (во близина на денешното село Мојанци), кои се грижеле за одржување на каналот, браните и браните за динките на оризиштата, заради што биле ослободувани од останатите давачки.

Според Васиљевиќ, во првата половина на XIX век Кочани бил главен извор за производство и трговија со ориз, а кочанскиот ориз бил и останал подеднакво баран на пазарите и на добар глас на целиот Балкан.

Во тефтерите на Хаџи Косте Хаџи Стефчиќ, еден од најбогатите трговци во Скопје во средината на XIX век е запишано дека кочанскиот ориз е испраќан во султанскиот двор во Цариград.

Ѓорче Петров запишал за Кочанската каза дека е во редот на најбогатите во Скопско и дека голем број селани се во многу подобра состојба од многу граѓани благодарение на оризопроизводството. Кочанската каза го држела првото место пред сите останати во кои се одгледувала оваа култура, а најдобриот ориз се произведувал во селото Оризари, по долините на реките Масалница и Брегалница.

Оризовата култура имала значајно место и во периодот по Втората светска војна. Првото повоено земјоделско стопанство во Кочани било формирано 1947/48 година, најпрвин како Градска економија „Мирче Ацев“, а подоцна под називот „Искра“. Истата година Овошниот расадник формиран 1927 година се трансформира во Реонска опитна станица, со посебен акцент на оризопроизводството како главна земјоделска култура.

Во седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век, кочанскиот ориз покривал 60 % од тогашниот југословенски пазар. Кочани имал ексклузивно право на увоз за преостанатите 40 % за задоволување на целокупните потреби од ориз, преку ТП „Оризокомерц“.

Во 2014 година во Кочанско се засеани околу 5 174 ха со ориз. Просечниот принос на арпа изнесувал 5 895 кг/ха, а биле произведени вкупно 30 500 тони арпа. Рекордно производство на ориз во Кочанско е регистрирано во 1987 година, кога биле произведени 49 342 тони арпа на површина од 9 675 хектари.



Извор: „Кочанскиот ориз“, Д. Андреевска, Д. Андов, В. Илиева, И. Атанасова, Љ. Ајтовска, В. Петров-Фафа, Кочани, 2015
Untitled Document
Локалитети