Untitled Document
kocani.gov.mk
wikipedia
Untitled Document
ВАЛАВНИЦИТЕ - СЕЌАВАЊЕ НА ЕДНО ВРЕМЕ
Кај Костин Дол и Речани, меѓу стрмнините на осоговските падини, се втурнала Бела Река создавајќи со својата долина прекрасен предел. Овде, се уште благодетите на природата се ставени во служба на човекот. Колку за негово опстојување и одржување во живот, толку и за уживање.

На ова место каде порано имало четириесетина куќи, сега останале само четири. За друштво, горе на брдото, велат мештаните, има уште 3-4. Во двете куќи крај реката, преку бука се слева вода во вир. Овде некогаш работеле валавници. По нив и месноста е позната под ова име.

Шумењето на водата која се спушта од петнаесетина метри дава посебен амбиент. Вирот во кој оди е длабок 2,5 метри. Таму се уште се става по некоја јамболлија, за да се испере на стар начин. Шестчленото семејство Божинови живее далеку од бучавата, густиот сообраќај. Додека мажот и и синовите се зафатени со чување на стоката, 64 - годишната Јорданка раскажува за работењето на валавница.

-Валавницата служи за валање клашни, тоа е платно од кое се шиеле панталони и палта. Со валањето платното се измазнува, се прави понежно, оти како што е ткаено така, не може да се носи. Мора првин да се изработи на валавицата , па тогаш да се шие. Вирот е за перење јамболлии и ќебиња. Валавницата одамна не работи бидејќи младите не употребуваат ткаено. А во вирот јамболлиите се уште се перат. Мажот ми оди со коњот по селата и донесува за перење. Буката повеќе ни е како атракција, некои луѓе доаѓаат на викенд, па ги интересира, и донесуваат за перење ќебиња, јамболлии.

Перењето е за половина саат, саат, а валањето траеше и по два - три дена, зависи од тоа како е исткаен материјалот. Имаме сушалки, ги викаме дрвени простори и тука ги сушиме.

На десетина метри од куќата на Божинови, кај нивните роднини, уште една валавница. Во неа одамна никој не влегува, вели Цветанка Јанева, потсетувајќи се на начинот како нејзиниот татко работел овде.

- Најпрво се шијат клашните, платното. Се пушта прво ладна вода, потоа топла, се валаат 24 часа, се вадат, се отшиваат и се виткаат во ролни, ги викаме траби, за да се исушат и да се исправат оти се истуткани. Кога ќе се исправат се попаруваат со топла вода и се ставаат на просторите да се исушат и ги собираат. Водата од Бела Река е многу мека, нема потреба ни од прашок, и кога ќе се испере доаѓа пријатна миризба. Многу од луѓето знаат за овој начин на одржување на јамболлиите и се уште ги носат на перење во вирот.

Природните убавини, љубезноста на домаќините и сведоштвата на минатото се причина повеќе да се ужива во реткостите со кои изобилува кочанскиот крај.
Untitled Document
Локалитети