Untitled Document
kocani.gov.mk
wikipedia
Untitled Document
ЈАСТРЕБНИК - СЕЛО СО ПЕТВЕКОВЕН СТАРЕЦ
На 950 метри надморска височина, во питомината на јужните падини на Осоговските Планини лежи селото Јастребник. Со своите 9 маала - Чорбаџии, Старо село, Горна Маала, Долна Маала, Падини, Горни, Долни, Чуриљак и Семревец, тоа денес брои едвај 50 жители, од кои постојани се десетина. Останатите, иако се со овдешна адреса на живеење, одамна се преселиле во Кочани. Сепак, забрзаната изградба на инфраструктурата што ја прави Локалната самоуправа во последните неколку години постепено го враќа животот во селото.

Поводот за нашата посета на Јастребник, поточно маалото Чуриљак, беше еден споменик на природата за кој знаат малкумина од нашата општина и пошироко. Едно столетно дрво, од под чиј корен извира вода, плени со својата убавина и раскош.

- Минатата година дојдоа тројца шумарски инженери од Белград и се интересираа за ова старо дрво. Според нивните истражувања дрвото било старо повеќе од 5 векови. Му измерија пречник од околу 2,5 метри, а обемот сигурно му е поголем од 6 метри. Ме прашуваа дали знам за какво дрво се работи и дали имам сознанија за неговата старост. Им реков дека за него ми раскажувал дедо ми и ние си го викаме воден габер, а тие ми одговорија дека го викаат граб. Сум слушнал дека има два вида габер - воден и сув. Водниот поретко се среќавал и обично никнувал таму каде што има доволно подземна вода. Местото каде што изникнал нашиот габер е долче од кое подолу настанува Мала Река, која заедно со Голема Река се влеваат во акумулацијата Гратче и ја создаваат Крива или Кочанска Река. Под неговиот корен извира вода, а селаните одамна имаат направено покриен кладенец од кој црпеле студена планинска вода. Целата околина на дрвото е богато со вода, а уште од дамнина овде се напојувала и стоката во селото. Дрвото сe уште е живо, иако постепено се суши, особено подолните гранки. Сепак, над 80% од стеблото и понатаму е витално и со својата огромна крошна фрла дебела сенка на местото каде стои со стотици години. Откако помнам за себе тоа ги восхитувало овдешните жители и случајните минувачи и посетители. Во негова непосредна близина имаше и други дрвја - се сеќавам дека беа изникнале една врба и липа, ама денес нив веќе ги нема. Како луѓето и дрвјата, се раѓаат и умираат. Врбата и липата се исушија, ама габерот уште опстојува, вели стариот Милан Јорданов кој е единствениот постојан жител на маалото Чуриљак.

Јастребник има свои убавини, за кои денешните жители велат дека малкумина ги знаат. Низ годините имало и случки кои ја карактеризирале мудроста на Јастребничани.

- Нашите стари раскажуваа како некој овдешен жител припитомил волк, го сместил во трлото и го користел како чувар на своето стадо. Волкот со години верно му служел на неговиот газда, играјќи ја улогата на овчарски пес. Арно ама, едно утро селанецот отишол да си ги нахрани овците и козите и пред вратата на трлото го забележал волкот како лежи целиот со закрвавена муцка. Мислејќи дека животното му го изело добитокот, зел секира и го убил. Дури потоа забележал дека сите овци и кози му се на број, а зад трлото нашол два мртви волка, кои неговиот чувар на стадото ги задавил. По некое време и селанецот умрел од мака по волкот-чувар, ја раскажува приказната дедо Милан што ја слушнал од неговиот дедо.

Посакувајќи му добро здравје и долг живот на старецот, го напуштивме Јастребник по пешачката патека кон Гратче, оставајќи ги зад себе убаво средените градини и искосените ливади, во опојниот мирис на првите пролетни цвеќиња.
Untitled Document
Локалитети