автор: Бисерка Велковска-Блажева, фотограф: Маја Јаневска-Илиева, извор: Нова Македонија" />
Untitled Document
kocani.gov.mk
wikipedia
Untitled Document
Воденица стара шест века и денес меле жито
Белската воденица е последната што останала на Кочанска Река од некогашните 28, а нејзините сегашни ѕидови се изградени пред 130 години.

По патот што оди кон Полаки, некогаш минувале караваните со жито од Овчеполието. Имале многу жито, и по 20-30 коњи. Оделе кон Кочанска и кон Оризарска Река за да го сомелат. Од некогашните 28 воденици на Кочанска Река и неколкуте на Оризарска, денес опстојува само уште една - онаа на браќата Ангелови. Има податоци дека е стара 600 години, а во нивното семејство тие се трето-четврто колено сопственици.

- Дедо ми ја купил од Белани, од Каракаш, и така ја викаат Белска-Каракашка воденица. Ја викале порано и Јованова, по дедо ми Ване.

Подолу била Пандевата, а погоре Тодорковата, Ајдаровата, Шијаковата, па Галабци... Дедо ми ја купил заедно со шура му, дедо Милосие. Од турско време е останата, имаме и турски тапии. Милосиевата е лепенка на оваа, но само нашава уште меле жито. По работа, за викенди и празници, ние сме тука. Мелеме и за нас, а доаѓаат и други за услуга - ни раскажува воденичарот Зоран Ангелов.

Воденицата се наоѓа во непосредна близина на градот Кочани, во месноста Бавчалук, кај тамошниот спортско-рекреативен центар. Изгледа автентично, како да е етномузеј што сведочи за некои минати времиња. Во дворот има неколку воденички камења, фурна за печење леб и бунар. Пред да ѕирнеме внатре, Зоки нѐ поведува зад воденицата, на јазот, каде што ја фаќа водата за да врти воденичкиот камен.

- Тука го фаќаме јазот. Долг е 600 метри - 300 метри е во наша сопственост, а 300 е на државата - ни вели.

Во непосредна близина е првата контролна точка на јазот. Местото е подлабоко и, кога нема потреба да меле воденицата, јазот се спушта надолу, а водата повторно се влева во Кочанска Река. Зоки го спушта савакот и водата се навртува кон воденицата.

- Мелеме ‘ржено, пченично, пченкарно, интегрално брашно. Крма за стока не мелеме. Нешто сами произведуваме, а инаку купуваме - зборува тој, но по кратко вели дека нема доволно вода за да заврти каменот и оти ќе мора да ја засили.

Ни објаснува дека подолу на јазот има уште саваци со кои го контролира текот. Освен тоа, вели, честопати дотекот се намалува и поради ѓубре.

- Сешто носи водата. Па го чистам одвреме-навреме. Ќе ја засилиме водата и ќе меле - зборува воденичарот. Тоа го направи и овојпат. Со стап што му стои подготвен на местото каде што е вториот савак, го вади насобраното ѓубре - земја, гранки, лисја, но и човекови отпадоци, пластика, предмети што завршиле во реката, а оттаму и во јазот.

Рана цреша, веќе со зрели плодови, надвиснала токму над местото каде што Зоки го поставува вториот савак. Домаќинот ни ја наведнува гранката, нѐ кани да пробаме. Земаме по некоја, а со очите љубопитно го следиме секое негово движење.

- Е сега ќе има доволно вода - вели тој.

Во воденицата, пак, сѐ е бело, прекриено со брашно, како што впрочем и се очекува.

- Одзади има шест метални буриња. Шестото е конусно, фи 100-120. Кога ќе се наполнат тие буриња, 1.000-1.200 до 1.300 кубици вода, под притисок врти чаркот, а тој е поврзан со едно вретено. Вретеното го врти каменот, роторот. Долу има уште еден камен, статор. Камењата се тријат еден од друг и тука вадат брашно - ни објаснува Зоки.

Бидејќи Јовановата и Милосиевата воденица биле лепенки, една до друга, воденичките камења биле поставени да вртат во спротивна насока. Кај дедо Милосие вртела надесно, а кај дедо Ване налево. Вртеле така за да ја фрлаат водата надвор од темелот, за да не се поткопа. Оттаму водата се враќала во јазот и продолжувала до друга воденица или назад во реката.

Во меѓувреме воденичкиот камен почнува да врти. Зоки става жито и со нешто што наликува на грамофонска рачка ни покажува како се регулира брзината на истекување на житото, колку да биде ситно или јадро брашното. Чепка околу каменот и тој почнува да се врти уште побрзо.

- Кога има влажно жито, се лепи и не сака да меле - објаснува.

Тука доаѓаат да мелат брашно и од Лесново и од други манастири. Нема друга воденица во тој крај. А токму од Лесново браќата Ангелови ги набавуваат воденичките камења.

- Единствено уште таму ги копачат од пештерите. Или се снаоѓаме да ископаме некој што е останат здрав од напуштените воденици, па го дообработуваме. И во Лесново сѐ помалку ги копачат. А кога се меле брашно, брзо се троши каменот, почесто се клепа - раскажува Зоран.

Чувари на традицијата

Воденицата првично била направена од плот, а сегашните ѕидови ги направил дедо Ване. Не работела само во еден период, по изградбата на браната Гратче, од 1960-тите до 1980-тите. Во 1988 година, Василко Ангелов, таткото на Зоран и на Ванчо, ја обновил и оттогаш тие ја одржуваат традицијата.

- Имам две ќерки, брат ми има ќерка и син. Се надеваме дека ќе се наде некој што ќе продолжи да ја одржува и по нас - вели Ангелов.

Облека на каменот

Со воденичкиот камен се поврзани повеќе народни верувања. Бидејќи каменот на воденицата на Ангелови врти налево, спротивно од стрелката на часовникот, демек го враќа времето, луѓето често доаѓале и барале да се врзе парче облека да се врти заедно со него.

- Доаѓаат луѓе од разни краишта, оставаат парче од облеката, обично долна маица, да се сврти на каменот. Се враќаат и ни велат дека болеста или маката им поминала. Идат и жени што не можат да родат. Пред неколку години дојде еден татко со мало момченце. Имало некакви израстоци на раката. Низ каменот пуштивме едно гранче и по неколку дена луѓето се вратија да честат. Израстоците ги немало - вели Ангелов.







автор: Бисерка Велковска-Блажева, фотограф: Маја Јаневска-Илиева, извор: Нова Македонија
Untitled Document
Локалитети