Во саботата, Кочани беше домаќин на Општинскиот натпревар на училишни хорови и оркестри, што се одржа во салата на Мултикултурниот центар.

На натпреварот учествуваа осум хорови и шест орекестри од основните и средните училишта од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

Во првата категорија хорови, во која се исполнуваа трогласни композиции, со максимални сто поени победи хорот на ОУ „Никола Карев“. Второто место го освои хорот на ОУ „Раде Кратовче“, а трети беа хористите од ОУ „Синиша Стоилов“.

Во втората категорија, во која хоровите се натпреваруваа со двогласни композиции, прво место освои хорот на ОУ „Малина Попиванова“, а од средните училишта – хорот на „Љупчо Сантов“. Трето место освоија хористите од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Облешево.

Први места со сто поени освоија мандолинскиот оркестар на ОУ „Никола Карев“ и удирачкиот оркестар на „Раде Кратовче“. Второто место го освои оркестарот на „Малина Попиванова“, а трети беа оркестрите на „Синиша Стоилов“ од Зрновци и на „Крсте Мисирков“ од Оризари.

Годинава, новина беше натпреварувањето на инструментални интерпретатори и групи, каде Виктор Каров на хармоника го освои првото место, а музичкиот состав на СОУ „Љупчо Сантов“ – второто место.