В сабота, на 23 февруари 2019 година, со почеток во 10 ч., во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, ќе се одржи Форум за рурален развој.

Форумот претставува дел од кампањата за заштитено подрачје на Осогово и има за цел да го запознае локалното население со процесот на прогласување на Осогово како заштитено подрачје, како и придобивките и обврските што ги носи заштитеното подрачје во однос на земјоделството и шумарството.

На форумот можат да присуствуваат сите заинтересирани земјоделци, собирачи на споредни шумски производи, сопственици на земјоделски и шумски површини и пасишта, претставници на невладини организации и јавни институции со интерес за земјоделство, шумарство и рурален туризам од Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип и Чешиново-Облешево.

На форумот ќе учествуваат професорите Соња Иванова и Владимир Џабирски од Факултетот за земјоделски науки и храна, Николчо Велковски од Шумарскиот факултет во Скопје, а ќе бидат претставени и позитивни примери за рурален туризам во Лесново и живот во заштитено подрачје. Форумот ќе го отвори градоначалникот на Кочани и претседател на Советот на Источниот плански регион, а за предлогот за заштитено подрачје Oсоговски Планини ќе говори Деспина Китанова, раководителка на Програмата за заштитени подрачја.