Денеска, Библиотека „Искра“ со повеќе содржини ќе го одбележи Меѓународниот ден на литературата за деца.

Настаните ќе започнат во 10 часот во Библиотеката „Искра“ каде што учениците од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ ќе имаат литературна средба со авторот Васил Мукаетов, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2017 година.

Предвидена е и креативна работилница на илустраторот Ивица Спасовски со ученици од Училиштето за цртање и сликање при Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани. Ќе се реализираат и литературни средби на кои учениците ќе можат да се запознаат со творештвото на писателите за деца Ели Маказлиева, Александра Велинова, илустраторот Игор Јовчевски, како и авторките Јасмина Кантарџиева-Димков, Љубинка Донева и Марина Гоцевска. Во просториите на Библиотеката „Искра“ во Кочани ќе биде отворен и продажен штанд со богата литература за деца на издавачката куќа „Едука мак“.

Во Мултикултурниот центар во Кочани, со почеток во 11:30 часот, ќе биде отворен „Фестивалот на децата, книгите и музиката“ на кој се предвидени повеќе литературни, музички и драмски активности во изведба на ученици од овој град. На Фестивалот ќе биде изведена и драматизација на меѓународната порака на Светскиот ден на литературата за деца.

Одбележувањето на овој меѓународен ден, кој како роденден на Ханс Кристијан Андерсен во светот се слави од 1967 година, е со цел да се поттикне љубовта кон литературата за деца.

Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура на Република Македонија за 2018 година, а е поддржан и со средства од Буџетот на Општина Кочани.