Шест ученички од основни училишта од Крижевци зимскиот распуст го поминуваат во Спортско-рекреативниот центар Пониква, на Осоговските Планини.

– На Пониква гостуваат најуспешните ученици од основните училишта од Крижевци. Зимувањето е овозможено од Општина Кочани и е резултат на соработката на двете збратимени општини Кочани и Крижевци. Станува збор за возвратна посета којашто се реализира по летувањето што беше овозможено за учениците на генерацијата од Кочани, во Паг, Република Хрватска, соопшти раководителката на Одделнието за јавни дејности во Општина Кочани, Голубинка Георгиева.

Според зборовите на гостите, зимувалиштето Пониква им оставило убав впечаток, а снежната покривка им донела дополнително уживање и забава. Шестдневниот престој на учениците им завршува в петок.

При посетата, претставниците од Општината на гостите им доделија симболични подароци од Кочани.