Почна уривањето на дел од објектите на улицата „Стево Теодосиевски“, на потегот од Двојниот мост  до крстосницата во Стришани. Викендов, во првата етапа од процесот на расчистување на овој дел од централното градско подрачје за проширување на сообраќајницата во булевар, беа срушени четири објекти.

Градежните машини на изведувачот „Калина“ три дена уриваше дел од објектите за кои експропријацијата е завршена, а во саботата увид во работата извршија градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и секретарот Александар Јосифов.     

– Почнавме со рушење на дел од куќите за коишто  постапката  за експропријација е завршена и уривањето ќе продолжи на сите куќи каде процесот е завршен. Исто така продолжуваме и понатаму со другите објекти каде процесот за експропријација сѐ уште тече и очекуваме наскоро да биде завршен. Сметам дека ова е еден голем чекор, бидејќи на овој проект работиме повеќе од една и пол  година. Овој проект очекувам да реши поголем дел од проблемите на граѓаните од Кочани кои се соочуваат со сообраќен хаос  и дека ќе овозможи непречено движење во централното градско подрачје – изјави за медиумите градоначалникот Илијев.

Со експропријацијата, локалната самоуправа ќе откупи  вкупно 9 765 квадратни метри, на кои се наоѓаат вкупно 30 парцели, од кои девет се државно земјиште, а на останатите се евидентирани 29 сопственици.

Според Илијев, за овој процес Општината ќе потроши 30 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот. Финансиската конструкција не е целосно затворена, затоа што ова е прва фаза од проектот за изградба на нов булевар, а на оваа локација е планирано да се гради и кружен тек.

Се очекува работите да продолжат следниов викенд.