Најстарата улица во Кочани, која пред четири години беше преименувана во „ВМРО“, си го врати првичното име – „Маршал Тито“.

Ваквата одлука ја донесе мнозинството во Советот на Општина Кочани на 17. седница, во отсуство на опозицијата.

– Одлуката од пред четири години беше израз на еуфоријата на долгогодишното владеење на сите нивоа и со неа беше направен обид на тогашната владејачка гарнитура да брише дел од историјата на Македонија, период поврзан со борба по која македонскиот народ конечно ја оствари вековната желба да добие своја држава, а македонскиот јазик стана еден од трите официјални јазици во тогашната Федерација. Немањето издржано образложение за преименување на улицата која е главна градска артерија, граѓаните никогаш не го заборавија. Во нивно и во наше име, на советничката група на СДСМ и коалицијата, бараме да биде вратено името на улицата „Маршал Тито“ – рече Гордана Антова, член на Советот.

– Неправдата нанесена кон жителите на оваа улица мора да биде исправена – побара и претставникот на младите во Советот, советникот Венко Крстевски.

Вклучувањето на опозицијата во донесувањето одлука по оваа точка, се обиде да го внесе советникот Благој Ситновски, кој предложи да ѝ се даде можност на опозицијата во Советот за конструктивна дискусија и за 15 дена да се направи истражување, па да се донесе дополнителна одлука.

Советот не го прифати овој предлог и изгласа враќање на името „Маршал Тито“.