Општина Кочани се вклучи во меѓународната глобална штафетна Трка за мир, во која учествува меѓународен тим од маратонци-волонтери и има за цел да промовира мир, единство, пријателство и разбирање во целиот свет.

На Трката за мир ѝ се придружија ученици од СОУ „Гошо Викентиев“, спортисти и граѓани од Кочани.

Пред Општината, факелот на мир го прими секретарот на Општина Кочани, Петар Апостолов, кој изрази задоволство што и Кочани се придружи кон глобалниот бран на пријателство и добра волја. Апостолов посака трката без пречки да продолжи понатаму, а мирот да царува во светот.

Пораките за мир од Кочани ги пренесоа младите ликовни творци од Училиштето за цртање и сликање при Центарот за култура „Бели мугри“ како и со настапите на членовите од Драмското и на Балетското студио. Настапи имаа и ученици од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, „Раде Кратовче“ и „Никола Карев“.

Подавајќи го факелот од рака во рака, трката поминува низ многу држави на различни континенти. Годинава ќе бидат поминати повеќе од 24 илјади километри низ 49 европски држави, а целта е во Рим, на 7 октомври.