Дивите депонии и непланското и неселектирано исфрлање на отпадот беше тема на јавната дебата што на 19 септември се одржа во Кочани, во организација на невладината организација „Зелен институт“ од Скопје.

Претставниците од граѓанските здруженија, од локалната самоправа и граѓани имаа можност да дадат свои предлози и идеи за изнаоѓање решенија за проблемот со отпадот и дивите депонии на територијата на општината.

Во рамки на расправата беа претставени резултатите од спроведените анкети во неколку градови во државата, при што оценка е дека во Кочани состојбата е нешто подобра во споредба со останатите.

– Она што го утврдивме е дека постои повисоко ниво на јавна свест за спречување на создавање диви депонии, како и поголемо задоволство од динамиката на собирање на отпадот и поставеноста на контејнерите. Од искажаните ставови на дебатата во Кочани заклучивме дека честото расчистување на дивите депонии од страна на комуналното претпријатие, кај граѓаните создава впечаток за нивно легализирање, поради што продолжува нелегалното исфрлање на отпадот. Беше даден предлог овие локации да се облагородат со парковско зеленило, а во тоа да се вклучи и локалното население, истакна Наташа Амдиу, претседателка на Здружението „Зелен институт“.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ја истакна потребата од менување на навиките за негрижа кон животната средина и третманот на отпадот при што истакна дека е должна да ги спроведува законските рамки и да применува соодветни казнени мерки.

Заклучок од дебатата во Кочани е дека треба активно да се работи на подигање на јавната свест за хигиената и зачувување на животната средина, посебно меѓу младите генерации, а за што најголемо влијание треба да имаат семејствата.

Покрај Кочани, во проектот „План за комуникација и кампања против диво депонирање отпад“ се вклучени Делчево и скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, а поддршка за неговата релизација е добиена и од Министерството за животна средина и просторно планирање.