Територијалната противпожарна единица-Кочани изведе тактичко-показна вежба за евакуација и спасување при пожар во Основното училиште „Никола Карев“.

– По дојавата за пожар во училница во „Никола Карев“ интервениравме со 13 пожарникари и две противпожарни возила. За триесетина секунди ги евакуиравме учениците и го изгасивме пожарот. Три деца со полесни телесни повреди беа транспортирани со амбулантното возило на Здравствениот дом – Кочани, изјави за медиумите Звонко Милосов, командир на Одделение во ТППЕ-Кочани.

Вежбата ја следеа и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување од Скопје. Според Димче Митевски, раководител на сектор во Дирекцијата, вежбата беше успешно реализирана, бидејќи училиштето ги поседува потребните плански документи и апаратите за интервенција при пожари.

„Никола Карев“ е трето училиште во Кочани во кое Територијалната противпожарна единица изведува тактичко-показна вежба за евакуација и спасување во случај на пожар. Досега вакви вежби се спроведени во основните училишта „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“.