Студентите од петта година од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и професорката по предметот Урбанистичко обликување 2, Дивна Пенчиќ денеска го посетија Кочани со што започна да се реализира соработка со која Факултетот дава поддршка во урбанистичкото обликување на Кочани.

– Ова е одлична иницијатива на Архитектонскиот факултет и тие денеска се запознаваат со состојбите и потребите во делот на урбанизмот, со цел да разработат применливи идеи кои ќе ги подобрат условите за живот во Кочани. Ние ги запознавме со предностите и недостатоците што ги имаме како град и ги очекуваме нивните анализи и идеи што ќе бидат од помош за просторното уредување на Кочани – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

– На градовите им требаат визии, од тие визии произлегуваат стратегии, па дури тогаш се прават планови и проекти. Во Македонија има некакво сфаќање дека урбанизмот е една работа, економските прашања се друга работа, туризмот е трета работа. Денес планирањето на развојот на градот е една синергија меѓу сите заинтересирани страни, меѓу сите чинители и мора да се почне со силна визија за градот и тоа не краткорочна, туку подолгорочна. Не се работи за тоа некој колку години е градоначалник или колку е на некоја функција, туку се работи за создавање визија и традиција за градот. Градот Кочани ми се чини дека е е еден од порекламираните градови и попознатите градови во рамките на една поширока држава во којашто живеевме, но и на Балканот. За Кочани се многу важни и овие нови импулси на заштитено поздрачје на користење на геотермални води, на еден пристап на соработка регионална, прекугранична. Сакаме студентите тоа да го видат на лице место, не да седат во клупа, не да креираме за непознат град и за непознати луѓе – рече проф. Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет во Скопје.

Во оваа работа се вклучени и студенти од Кочани, кои добро ги знаат потребите, проблемите и функционирањето на градот. Една од нив е и Марија Петрова.

– Моментално сме во фаза на анализа на просторниот развој на Општина Кочани и преку опсежни и длабоки истражувања ќе дадеме наши, студентски резултати и идејни решенија како Кочани може да напредува во просторниот развој – рече Петрова.

По изработката на конкретни решенија, студентите ќе се вратат во Кочани со цел да ги претстават пред Општината и пред јавноста.