Презентацијата на решенија за подобрување на сообраќајниот проток и на паркирањето во централното градско подрачје во Кочани организирана од општинските служби што се одржа во салата на Советот на Општина Кочани, поттикна низа предлози од стручната јавност.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев претстави неколку идеи за реализирањето на побезбеден сообраќај и олеснето движење на сите учесници во него.

– Преуредување на Градскиот плоштад, зголемување на бројот на паркинг-местата,  улицата пред Трговскиот центар којашто ги спојува „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“  да биде сервисна, а на „Стево Теодосиевски“ да се формира привремен паркинг додека да се изгради булеварот со кружните текови – ова не е ничија желба, туку нужна потреба на граѓаните – рече градоначалникот во своето обраќање пред присутните.

Илијев додаде дека во тек е урбанистичката постапка за изградба на катна гаража на местото на сегашната административна зграда на „Водовод“ со капацитет од 150 до 200 возила – толку колку што сега се паркираат на двете кејски улици во центарот на Кочани – истакнувајќи дека процесот оди многу бавно поради усогласувањето на урбанистичките планови.

Присутните ја нагласија потребата од зголемување на местата за платен паркинг, на цената и начинот на пресметување на паркирањето: првиот час да има една цена, а секој следен повисока. Оваа мерка, според искуствата пренесени од сообраќајните инженери од други градови, се покажала ефикасна за оддалечување на возилата од центарот, а со тоа и за намалување на загадувањето на воздухот во централното подрачје.

Одговорните за сообраќај во Одделението за внатрешни работи во Кочани ја истакнаа ниската сообраќајна култура на учесниците во сообраќајот, но и сложеното и споро извршување на изречените сообраќајни казни, што им дава сила на неодговорните во сообраќајот да се однесуваат разуздано и несовесно.

На стручната расправа беа изнесени повеќе предлози за надминување на пречки што во моментот не само што го усложнуваат сообраќајот, туку предизвикуваат проблеми при полагањето на практичниот дел од возачките испити.

По систематизирањето на стручните предлози, одлуката за менување на режимот на сообраќај, сообраќајната инфраструктура и паркирањето во централното градско подрачје на Кочани, ќе биде претставена пред Советот на Општина Кочани.