Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ – Кочани потпиша договор за партнерство и соработка со СОУ „Неготино“ од Врапчиште, како дел од проектот Мултиетничка интеграција во образованието на УСАИД.

На чинот на потпишувањето во „Љупчо Сантов“ присуствуваа и градоначалниците на Кочани и Врапчиште, Ратко Димитровски и Бајрам Кадрија, кои изразија подготвеност за проширување на соработката не само во образованието, туку и на планот на културата, спортот, стопанството.

– Сметам дека овој договор ќе значи остварување на народната изрека: Да почнеме да живееме не едни покрај други, туку едни со други, рече Лазар Димитријев, директор на „Љупчо Сантов“.

Директорот на Средното училиште „Неготино“, Рахим Хасани, истакна дека очекува интензивна соработка и меѓусебно разбирање, препознавање на сличностите и почитување на разликите и комуникација која ќе ги зближи и вработените и учениците.

Во средното училиште од полошко Врапчиште учат 250 ученици во 12 паралелки. Наставата се изведува на албански, со 21 лице како воспитно-образовен кадар. Во кочанската гимназија учат 728 ученици, со настава на македонски јазик.

Претставниците на институциите разменија пригодни подароци и печатен материјал со детални информации за двете општини и двете училишта.