Со поддршка од стручни служби од Министерството за внатрешни работи во Скопје, а во соработка со Полициската станица во Кочани и надлежните за безбедност во сообраќајот, денеска во Општина Кочани се одржа работен состанок за решавање на сообраќајниот метеж во централното градско подарчје на Кочани.

На состанокот беа изнесени различни мислења и ставови за решавање на проблемот.

– Затекнавме лоша сообраќајна слика во центарот на градот. На еден простор имате повеќе вида паркирање. Паркирањето и добриот проток на сообраќајот не одат заедно. Сепак, квази-решенија не треба да се бараат. Потребно е снимање на теренот, солидна анализа и решение – советуваа стручните лица од МВР.

– Трајното решение на сообраќајниот хаос е поврзано со решавањето на паркирањето. Општ заклучок е дека проблемот е во паркирањето на улиците. Тоа значи дека треба да најдеме решение за потребите за паркирање, а со тоа да овозможиме и непречено движење на возилата во централното градско подрачје – соопшти градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според Илијев, постапката не е едноставна, но проблемот не е безнадежен, и во следните неколку денови ќе се сублимираат сите идеи и предлог-решенија, а потоа ќе се избере и проектантска куќа која ќе направи анализа на состојбата.

На прашањето за изнаоѓање некое привремено решение, градоначалникот истакна дека секое ад хок решение ќе прави дополнителен проблем и само ќе го пренасочи проблемот на друга сообраќајна точка. Илијев побара трпение од граѓаните за да можат стручните служби да дадат мислења, а по изготвената студија, да се донесе конечна одлука.