Со цел да го информира Здружението за екологија „Грин.орг“ за тековните активности од сферата на заштитата на животната средина, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев одржа средба со претставниците Орце Николов и Ана Симонова.

– Напредува проектот за изградба на Регионалната депонија во Светиниколско. На неодамнешната средба на која присуствуваше и евроамбасадорот Самуел Жбогар беа презентирани возилата со кои ќе се транспортира отпадот. Третманот на Градската депонија дава резултати, се бориме против мини депониите, последен случај е исфлањето на отпадот во Трајаново Трло – рече градоначалникот Илијев.

Претставниците на „Грин.орг“ се интересираа за можните интервенции во врска со чадот од фабриката „Пејпар мил“, пред која неодамна граѓаните го изразија својот револт со мирен протест.

– Во тек се испитувања што ги вршат надлежните институции. Резултатите од нив што се очекуваат наскоро, ќе покажат какви мерки треба да бидат преземaни од државните органи – соопшти Илијев.

Во разговорот беа отворени повеќе прашања за идни акции за пошумување, субвенционирање на грејни тела што не ја загадуваат околината, потребата од јакнење на свеста кај најмладите за здрави навики за живот, селекција на отпад, за видеонадзор над одредени јавни површини што се загадуваат.

Претставниците на „Грин.орг“ беа информирани дека во тек е подготовка на проект за подземни контејнери што ќе биде еден од повеќето приоритети за поздрава животна  средина и поквалитетен третман на отпадот во општината.

На крајот на средбата градоначалникот Николчо Илијев ја истакна подготвеноста, отвореноста за соработка во реализацијата на заеднички екопроекти.