Реализацијата на проектот „Две и пол минути до полноќ“, финансиран преку програмата „Еразмус плус“, во кој покрај Општина Кочани, се вклучени и бугарската Пештера и хрватската Лудбрег, беше повод градоначалникот Николчо Илијев да се сретне со првите луѓе на двете партнерски општини: Зехра Алиш, заменик-градоначалничка на Пештера и Дубравко Билиќ, градоначалник на Лудбрег.

На средбата се разговараше за проширување на соработката и за искуствата во искористувањето на средствата од европските фондови.

– Од двајцата гости беше јасно потенцирано дека стојат на располагање да ни помогнат со сите нивни искуства што ги имаат стекнато на патот за користење на европските фондови, односно на што поедноставен и побрз начин да дојдеме до средства што ќе помогнат во реализацијата на важни проекти – соопшти по средбата Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

– Заклучивме дека оваа соработка на проектот би можела да прерасне и во стопанска соработка. Ние сме град кој во Република Хрватска е познат по тоа што извлекол најмногу европски пари по глава на жител, град кој е центар на светот и кој е центар за производство на цвеќе во Хрватска, мислам дека токму тоа цвеќе е еден начин на кој нашите градови би можеле дополнително да се поврзат, да се збратимат и да ја унапредат добрата соработка што ја започнавме со овој проект, со нашите млади, со учениците во училиштата – изјави Дубравко Билиќ, градоначалник на Лудбрег.

Задоволство од средбата изрази и Зехра Алиш, заменик-градоначалничка на Општина Пештера. – Споделивме размислувања за историјата, за проблемите што стојат пред општините и за тоа што сме го стекнале како искуство од досегашните години членство во Европската Унија – рече Алиш.

Проектот за климатските промени во кој како партнери од македонска страна се вклучени и КЈП „Водовод“ и ОУ „Крсте Мисирков“ од Оризари, ќе се реализира во период од 24 месеци со вкупен буџет од 135 илјади евра.