Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев денеска оствари средба со државниот советник и актуелен директор на Јавната агенција за безбедност во сообраќајот во Република Словенија, Игор Велов.

– Станува збор за одржување континуитет во соработката со збратимениот град Крањ и со Република Словенија. Се запознавме со господинот Велов и со разговорот утврдивме дека имаме можности за унапредување на соработката и проширување на институционалните контакти, кои за нас се многу значајни со земја што е членка на Европската Унија – соопшти градоначалникот Илијев.

Велов, кој има потекло од Кочани, повеќе од една деценија е значајна алка во одржувањето на релациите со Крањ, збратимена општина со Кочани.

Соработката меѓу општините Кочани и Крањ датира од 2007 година, при што досега Кочани има добиено противпожарно возило како донација од Противпожарната единица на Крањ за нашата Единица и во 2014 г. комунално возило-дигалка, донација од приватна компанија, наменето за потребите на КЈП „Водовод“.