Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ги прими претставниците од шведската хуманитарна организација „Hands to hands“, Марија и Томас Росенгрен. Во присуство на д-р Борка Панова, директорка на Општа болница – Кочани, се разговараше за можностите за реализација на донација на опрема, апарати и медицински помагала за потребите на Болницата.

– Правиме напори за подобрување во сите сфери на локалното живеење. На кочанското здравство му требаат и апарати и опрема, а ние како Општина ќе помогнеме во административниот дел и во организацијата за покривање на трошоците што се создаваат при примање донации. Задоволни сме што воспоставиме контакт со невладина организација која досега има богато искуство во донирањето во Македонија. Очекувам овие иницијални зафати да дадат успех, а ние, граѓаните на Кочани да знаеме да бидеме благодарни и да го цениме тоа – рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во наредниот период ќе се договараат деталите за реализација на оваа донација што ќе биде според потребите на кочанската Општа болница.