Концертот на „Оригинал Кочани оркестар“ на Наат Велиов го отвори деветтото издание на културната манифестација „Петровденски конаци“. Музичката приказна за Велиов – европскиот крал на трубата, пред кочанската публиката ја илустрираше неговиот оркестар.

Велиов и неговиот состав беа претставени како најголеми репрезенти на традиционалната ромска и македонска музика во Европа и светот, со повеќе од 2 илјади концерти, на кои свират исклучиво во живо.

На отворањето на „Петровденски конаци“, публиката можеше да слушне за настапите на Кинг Велиов во Сан Дениз, на отворањето на Светското првенство во фудбал во Франција, во светски познатата „Моцарт сала“ во Виена, на најголемиот џез-рок фестивал во Роскилде -Данска, во Ватикан пред 50 илјади луѓе за дочек на Нова година по говорот на папата…

На вториот ден од манифестацијата, на кејот на Кочанска Река се одржа Ликовен перформанс насловен „Арт варијации“.

На перформансот во различни техники работеа и сликаа Никола Брадиќ од Блаце, Србија, Мирослав Трендафиловски од Куманово, Марија Алексиќ и Невена Стефановиќ од Ниш, Србија, како и членовите на Училиштето за цртање и сликање Љупка Коцева, Ангела Иванова, Каролина Николова, Снежана Зашова со нивниот ментор, акедемскиот сликар Александра Димитрова.