Советот на Општина Кочани ја одржа 43 редовна седница, на која ги усвои завршните сметки на општинските основни и средни училишта, ЈОУ Библиотека „Искра“, ЈОУДГ „Павлина Велјанова“, на КЈП „Водовод“, како и годишната сметка и годишниот извештај на Буџетот на Општина Кочани за 2015 година.

Најбурни дискусии се водеа во врска со усвојувањето на завршните сметки на училиштата, кои бележат високи долгови за превозот на учениците. Со 10 гласа „за“ Советот го прифати предлогот на советникот Ѓорѓи Алексов за вршење надворешна ревизија, чиј извештај ќе ја отслика реалната финансиска состојба на училиштата.

Советот ги разгледуваше извештаите за реализацијата на повеќе општински програми, а донесе одлука за проширување на Буџетот на Општина Кочани за 2016 година заради реконструкција на подрачно основно училиште во с. Горни Подлог и за кофинансирање на проектот „Изработка на основен проект за изградба на локалниот пат Крушка – с. Полаки“.