Членовите на Советот на Општина Кочани избрани на Локалните избори во 2013 година ја одржаа последната седница од нивниот четиригодишен мандат.

На дневен ред се најдоа шест точки, меѓу кои беше и предлог-планот за изменување и дополнување на планот за запишување на ученици во прва година за учебната 2017/18 година во СОУ „Гошо Викентиев“. Советот едногласно ја усвои Стратегијата за развој на стратешко партнерство во областа на образованието помеѓу општините Кочани и Пазарџик со акциски план за реализација, а донесе одлука за прифаќање на договорот за спроведување на проекти за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Источниот плански регион во рамките на ИПА 2. Без дискусии членовите ги усвоија Информацијата за работата на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Кочани во 2016 година и Програмата за работа во 2017 година.

Составот на овој Совет беше дефиниран по првиот круг на Локалните избори кој се одржа на 24 март 2013 година, а во него мнозинството со десет советнички места го доби ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери. Првата конститутивна седница Советот на Општина Кочани ја одржа на 22 април 2013 година, на која Иван Иванов, носител на советничката листа на коалицијата „За подобра Македонија“ беше избран за претседател. Составот на Советот се измени по Парламентарните избори во 2014 година, откако Иван Иванов беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. На 19-тата седница, за претседател беше избран Јордан Димитров, а во Советот влезе Дејан Стојанов.

Изминативе четири години, за сите барања во рамките на правата и должностите на општината одлучуваа: Јордан Димитров (Иван Иванов), Лазо Митев, Слаѓана Донева, Дарко Стојчевски, Весна Милошева, Димитар Арсов, Костадин Галачев, Марија Ананијева, Спирко Георгиев, Дејан Стојанов, Влатко Трајанов, Александра Ѓоргиевска, Аки Акиов, Лилјана Арсова, Љупчо Стојилков, Сашко Стефановски, Ѓорѓи Алексов, Соња Иванова и Анета Игнатова.

На следните локални избори, чиј датум на одржување не е познат, граѓаните со право на глас ќе му дадат мандат на новиот деветнаесетчлен состав на кочанскиот Совет – највисокиот орган на одлучување за општината.