Советот на Општина Кочани, на редовната 63 седница одобри еднократна финансиска помош за Фудбалскиот клуб „Осогово“. Помошта доаѓа со цел Kлубот да закрепне пред влезот во Втората македонска фудбалска лига. Така одлучија членовите на Советот на 63. редовна седница, откако беше продолжен нивниот мандат до организирањето на локалните избори најавени за октомври.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Ѓорѓи Алексов дискутирајќи за „Осогово“ истакна дека генерално, буџетските средства за спортот во Кочани се многу малку за да се овозможи развој на спортот, а со тоа да се создаде поблиска врска меѓу спортските клубови и Општината.

Советничката Лилјана Арсова ја критикуваше нетранспаретноста во намената на парите за спортските клубови, информација што ја побарала од пред неколку месеци, а сè уште ја нема добиено.

– Состојбата во ФК „Осогово“ е резултат на осумгодишната атмосфера на игнорирање на сите спортови. Со два милиона денари сакате да развивате спорт. Наместо тоа, требаше да градите атмосфера на доверба – рече членот на Советот, Влатко Трајанов.

Градоначалникот Ратко Димитровски ја прифати одлуката на Советот да се издвојат 250 илјади денари за ФК „Осогово“.

– Не знаеме колку ќе чини целата натпреварувачка сезона, ниту дали ќе има организација што ќе може да го спроведе повисокиот ранг на натпреварување. Сепак, сакам да нагласам дека најголемиот колач од спортот оди за фудбалот. Со новиот Закон за спорт се отвораат нови можности за финансирање на спортските клубови. Со овие пари, Клубот ќе закрепне, но тоа нема да биде доволно, затоа што неговиот годишен буџет е 60–70 илјади евра. Како што знаете, целосно финансирање на Клубот од Општината, не е дозволено, рече градоначалникот Димитровски.