Во рамките на подготовките на 25. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, Организацискиот одбор одржа состаноци од претседатели на урбаните заедници и со Комисијата за култура при Советот на Општина Кочани.

На средбите беше претставена нацрт-верзијата на овогодишната манифестација, чиишто содржини распоредени во четири дена ќе се одржат во Кочани од 13 – 16 октомври.

– Јубилејните „Денови на кочанскиот ориз“ нудат богатство од настани распоредени во покус временски период од досега. Обичајот зажнејување ќе биде на нива на Грдовски Пат, а вршењето во дворот на Институтот за ориз. На 14 октомври, в сабота предлагаме целодневна културно-забавна програма и презентации на етноелементи од оризарството и од кочанското живеење. Планираме и претставување на штандови на институции, организации и поединци. Очекуваме гости од Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, а на пријателскиот Пореч ќе му отстапиме простор за театарска претстава, хор и латиноконцерт. Преговараме в недела да ни дојде групата „Љубојна“ – соопшти градоначалникот Ратко Димитровски.

Претседателот на Советот на Општина Кочани, Јордан Димитров предложи во програмата да се вклопи и традиционалниот Меморијален турнир во борење „Андонов-Колев“.

Наскоро предлог-програмата за „Денови на кочанскиот ориз“ ќе биде официјализирана и ќе бидат решени повеќе дилеми, посебно околу локациите за одржувањето на планираните концерти.