На четири крака од улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало во Кочани во тек се  градежни активности за бетонирање. Сите краци со вкупна должина од 1 134 м се наоѓаат од десната страна на улицата „Стамен Манов“, којашто води кон Фабриката за вода,  каде недостигаше уредување на патната инфраструктура.

Активностите се дел од проектот „Бетонирање улици и  потпорни ѕидови во Ромското Маало во Кочани“, за што се наменети 6 милиони денари обезбедени од Буџетот на Владата, а утврдени во Буџетот на Општина Кочани за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите.

Со проектот се бетонирани и два крака од улицата „Партизанска“ со вкупна должина од 136 м со изградба на потпорен ѕид. Исто така, на спојот меѓу улиците „Стив Наумов“ и „Гроздан Трифунов“, во близина на улицата „Славчо Стоименов“ во Ромското Маало во Кочани е изграден и потпорен ѕид со пристапни скали.

Општина Кочани преку повикот за мали грантови во рамките на програмата Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво, од Советот на Европа обезбеди средства за уредување на парк во местото викано Колерски Гробишта. Целта е просторот  на кој се создава дива депонија да се преуреди во парк со површина од 110 м2, со фонтана и урбана опрема. Јавната набавка за овој проект е во тек.