Изведбата на градежните работи на неколку улици во Кочани е во завршна фаза. Вчера и денеска се асфалтира и улицата „Крум Вранински“ во населбата Усова Чешма.

– Работите почнаа летово, кога Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ изгради крак од фекална канализација. Бидејќи станува збор за тежок и висок терен, се градеа потпорни ѕидови и жителите на овој дел од улицата „Крум Вранински“ имаат решена инфраструктура. Повикуваме да бидат совесни кон јавното добро, затоа што сме сведоци на различни граѓански самоволија и неодговорност – повика Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Деновиве заврши асфалтирањето и на улицата „Карпошово востание“, на која претходно се изградија потпорни ѕидови и канализација во должина од 270 метри.

Од осумте улици што се градат со средства од Буџетот на Општина Кочани за тековната година, веќе се асфалтирани: „7 Септември“, кракот 2 од „Искра“ и „9 Мај“, а преостануваат работите на улиците „Васил Главинов“, „Борис Ефтимов“ и кракот на „565“ во Лесна индустрија.

Паралелно со овие активности, се градат и улиците во населбата Прокарака, а во фаза пред асфалтирање е и локалниот пат од Оризари до Добра Вода.