Реконструкцијата на игралиштето во дворот на Подрачното училиште  „Никола Карев“ во селото Грдовци е на самиот крај. Градежната механизација денеска го поставуваше асфалтот на повеќенаменскиот терен со димензии 22 х 33,6 м. Според информациите на стручните служби, игралиштето ќе биде оградено од една страна, ќе бидат поставени клупи и канти за отпад, а реквизитите ќе бидат освежени. Овој терен, покрај тоа што се користи за часови по физичко, е добредојден за рекреација на жителите од селото, како и за организирање турнири во мал фудбал.

Реконструирани и подготвени за користење се и повеќенаменското игралиште во Тркање и игралиштето за мал фудбал во Прибачево.

Привршува изградбата и на детското игралиште во Трговскиот центар, каде денеска се поставува гумената подлога. Уредувањето ќе продолжи со озеленување на околината и поставување урбани елементи.

Годинава се изградија нови детски игралишта на пет локации во  центарот на Кочани, Грдовци, во Белското Маало, населбата Драчевик, а ќе се довршува и малата инсталација спроти Ветеринарната станица. Наредниот период е најавена реконструкција на останатите игралишта во градот и во населените места, како и целосна реконструкција на детското игралиште во населбата Бавчалук.