Со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, саниран е полскиот пат во месноста Слатина. Целта е да се подобри сообраќајната поврзаност на земјоделските површини во полскиот регион.

– Патот е долг околу еден километар и по подобрувањето на тлото и површинското тампонирање е во одлична состојба, така што е подготвен за земјоделска механизација. Неговата широчина според проектот беше планирана со 2,5 м, но забележуваме дека е проширен. Вкупната инвестиција е повеќе од 1 милион денари. Со овој проект ги правиме подрачјата коишто се мочурливи, да бидат во секое време пристапни за нашите земјоделци, соопшти градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Состојбата на овој фреквентен пат во Кочанско Поле пред санацијата беше лоша, односно поради пропаѓањето на тлото и огромните дупки, движењето на земјоделската механизација беше отежнато.