Општина Кочани беше домаќин на претставници од граѓански организации од Молдавија и Албанија кои се вклучени во проектот „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа и Република Молдавија“, што со поддршка од UN Women се реализира во Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија.

Целта на проектот е да се унапредат вештините и знаењата за анализа на програмите и буџетите на централно и локално ниво, коишто се однесуваат на родово одговорното буџетирање.

– Користењето на алатката за родово одговорно буџетирање е во многу понапредната фаза во нашата земја отколку во Република Молдавија и Република Албанија, особено на локално ниво. Сметаме дека токму Општина Кочани има добра практика што треба да се сподели со нашите колеги од овие две земји, но во истовреме сакаме да покажеме како општините во Македонија соработуваат со невладините организации користејќи родово одговорни анализи, правејќи влијание за промена на локалните политики и буџети, со цел подобрување на квалитетот на живеење и унапредување на  родовата еднаквост, на односите меѓу мажите и жените во општината, истакна Марија Ристеска, менторка во UN Women.

На средбата, Гордана Мицова Несторовска ја презентираше родово буџетската анализа на Локалниот акциски план за домување, урбанистичко планирање и комунална инфраструктура на Општина Кочани за периодот до 2020 година, изработена од Здружението „Радар“ од Скопје.