Комисијата за урбанизам при Општина Кочани, деновиве ги разгледуваше предлог-решенијата за реконструкција на плочникот во Трговскиот центар.

Со цел да се подобри фунционалноста и естетскиот изглед на една од најпрометните површини во Кочани – Трговскиот центар, стручните служби од Одделението за урбанизам изработија идејни решенија за реконструкција на делови од плочникот,  стари веќе четириесетина години.

Според најавите на општинските архитекти, се планира реконструкција на површина од  2 800 метри квадратни, на потегот од платото пред Телеком, на југ кон Павилјонот пред кулата „Треска“, а на исток преку тунелот до паркингот. Идејните решенија сè уште не се конечни, се доработуваат, а потоа ќе следува избор на материјалот.  Се очекува работите на терен да започнат по завршувањето на годишните одмори.

Проектот опфаќа и доуредување на просторот со осветлување, нова урбана опрема и озеленување, со што Трговскиот центар ќе се поднови и ќе добие нов дух.