По една година работа, завршува реконструкцијата на Мултикултурниот центар. Еден од најстарите културни објекти, познат како Старо кино, доби современ лик. Останува  да се доработи внатрешното уредување и климатизацијата.

Со проектот, објектот има комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, ПВЦ-врати и прозорци, термичка фасада, нови подови и осветлување, сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Променет е  кровот, во внатрешноста се отстранети старите слоеви на ѕидовите и се изградени нови тоалети.

Со реализацијата на овој проект Кочани добива современи простории што ќе бидат наменети за активности на граѓански здруженија и културни работници, за млади творци и креативци, простор за изложби и поставки со културно-историско значење од локалното поднебје.

– Задоволен сум што работите се одвиваат со предвидената динамика. Овој проект е важен затоа што добиваме обновена градба во централното градско подрачје. Уште позначајно е што МКЦ ќе донесе нова енергија во Кочани, со тоа што ќе создаде можност за активности кои ќе стимулираат учење, поддршка и вмрежување – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е проект финансиран од Европската Унија, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА-програмата за прекугранична соработка, а кофинансиран од Министерството за локална самоуправа и Општина Кочани.