Претседателите на советите на општините од Источниот и Југоисточниот регион, на 25 септември 2019 година, во Кочани одржаа регионална средби, чиј организатор беше ЗЕЛС.

Претседателот на Советот на Општина Кочани, кој е и претседател на Комитетот на советите при ЗЕЛС, Томе Солевски, во своето обраќање на Третата регионална работилница истакна дека на овој начин се засилува заложбата на Комитетот на советите при ЗЕЛС за зголемување на нивото на важноста на советите на локално ниво, како и можноста за размена на идеи и мислења и градење на заеднички ставови, кои понатаму преку телата на ЗЕЛС, ќе се трансферираат до повисоките инстанци во државата. Тој подвлече дека треба да се стремиме да ги постигнеме европските практики за зацврстување на улогата на советниците, кои треба да бидат поддршка на градоначалникот и на општинската администрација при донесувањето на општинските политики и имплементирањето на активностите од интерес на граѓаните.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како и присутните претседатели на совети од општините од Босилово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Ново Село, Берово, Штип, Виница и Радовиш ја истакнаа поддршката на продлабочување на процесот на децентрализација со поголеми надлежности во однос на инспекциските служби, матичните служби, комуналната полиција, располагање со земјоделското земјиште, ископите од речните корита и други природни суровини кои се на територија на општините, со цел поголема финансиска стабилност на општините. Притоа подвлекоа дека за сите најавени и планирани промени кои се однесуваат на зголемување на давачките на граѓаните (данок на имот,  легализација итн.) треба да се направи добра и сеопфатна анализа и со навремена координација на централните со локалните власти, тие правилно да им се претстават на граѓаните. Тие наведоа и неколку други начини со кои би можело да се придонесе до зголемување на општинските приходи, но тоа мора да биде координирано и поддржано од централните институции. Во дискусиите се начнаа и некои други предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи, со цел да се внесат промени во корист, а не на штета на општините.