Со изградбата на улиците „Блаже Поп Арсов“, „Ѓорѓи Пулевски“ и „Кресненско востание“ се заокружува реализацијата на инфраструктурните активности во Кочани за 2018 година.

Улицата „Блаже Поп Арсов“ ја гради ГП „Стоименов“ од Кочани. Вкупната сума определена за реализација на овој проект е 1,6 милиони денари, цена постигната по спроведената аукција, со средства наменети од Буџетот на Република Македонија за имплементација на Стратегијата за Ромите. Рокот за изведување на оваа улица е пет месеци, период во кој треба да се бетонираат потпорни ѕидови со површина од 35 м3, а ќе се постави и атмосферски одвод.

За асфалтирање на 2 605 м2 од улицата „Ѓорѓи Пулевски“ се наменети 1,5 милион денари. Градежното претпријатие „Стоименов“, како изведувач треба да ги заврши работите за еден месец.

Одводнување, дренажа, поставување решетка, шахти, трасирање на улицата во должина од 228 м, асфалтирање на 1 550 м2 и поставување рабници се активности планирани за улицата „Кресненско востание“. Изведувач на оваа улица е „Бони интерградба“ од Штип.

Средствата за инфраструктура за 2019 година се зголемени на 75,5 милиони,  15 милиони повеќе од оваа година.