Иако испораката на вода е зголемена, а бунарскиот систем кај Грдовски Орман и Фабриката за вода работат со полн капацитет, делови од Кочани остануваат без вода во попладневните и вечерните часови.

Причина за недостигот на вода во високата зона, Усова Чешма и Ромското Маало е нејзиното ненаменско трошење на вода во големи размери во услови на високи температури.

– Водоснабдителниот систем не е слаб, но не може да го издржи ваквото енормно користење. За илустрација, потрошувачката на вода во јули во споредба со март оваа година е зголемена за 80 до 100 проценти. Главниот потрошувачки шпиц е меѓу 15 и 22 ч., кога масовно се користи вода за наводнување на градините и дворните површини. Тоа се случува не само во градот, туку и во селата. Горни, Долни Подлог и Мојанци месецов трошат по 11 л/сек., наместо просечните 5 – илустрираше Љупчо Папазов, директор на КЈП „Водовод“, на состанокот што се одржа во Фабриката за вода во Кочани.

На работната средба на која присуствуваа и градоначалникот Ратко Димитровски и претставникот од Одделението за комунални работи, Јордан Гицов, беше соопштено дека се регистирани кражби на вода, кои според законските одредби претставуваат кривично дело. Одговорните од Општината деновиве спроведуваат акции против нелегалните корисници на вода од системот за водоснабдување.

Стручните служби од „Водовод“ апелираа за рационално и совесно користење на водата. Во врска со трајното решавање на ваквите состојби ја истакнаа потребата од надградби на водоводниот систем со препумпни станици.