Просторот зад зградата кај „Бетон“ е расчистен. Возилата од неговата непосредна околина  се отстранети, со што Општина Кочани, Одделението за внатрешни работи – Кочани и КЈП „Водовод“ за кратко време одговорија на барањето на станарите од оваа зграда во централното градско подрачје, за расчистување на локацијата.

– Дејствувавме координирано и ги дислоциравме возилата, па просторот сега е ослободен, а насобраниот смет е исчистен. Ние, како локална самоуправа сме подготвени да им помогнеме на станарите од оваа зграда и овој простор да го уредиме според нивните барања и потреби – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Со акцијата беа отстранети 16 возила кои по разни основи се одземени од сопствениците и беа сместени во близина на Полициската станица.

Станарите од зградата на „Бетон“ изразија благодарност за брзата интервенција и решавањето на овој комунален проблем.