Како резултат на успешно подготвената апликација во рамките на „Еразмус плус програмата“ на Европската комисија од страна на Општина Кочани, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го одобри проектот „Растеме заедно со ЕКО ресурси“.

Во рамките на проектот покрај Општина Кочани како водечки партнер ќе учествуваат: ОУ „Раде Кратовче“ и Здружението за поддршка на економскиот развој – локална акциона група од Кочани како партнери од Република Македонија и партнерите од Република Бугарија – Општина Пазарџик, ОУ „Свети Климент Охридски“ и НВО CSEG.

Целта на проектот е со помош на современи и иновативни методи на ИКТ настава, учениците во основните училишта во Кочани, Република Македонија и Пазарџик, Република Бугарија подобро да се запознаат со искористувањето на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност, заштита на животната средина и нивното значење.

За таа цел, наставниците од ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Пазарџик, во рамките на проектот ќе бидат обучувани како во склоп на секојдневната настава по својот наставен предмет да ги запознаат учениците со искористувањето на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност и заштитата на животната средина со примена на Open Education Resources алатки како што се Web 2.0 алатките, Edmodo и др.

Обучените наставници своето знаење треба да го пренесат на останатите наставници во училиштето и да го презентираат на завршните настани пред наставниците од останатите основни училишта во градовите Кочани и Пазарџик. Со проектот ќе бидат изработени и соодветни наставни помагала во вид на прирачници за начините и методите на искористување на погоре споменатите алатки.

Како дел од проектот, општините Кочани и Пазарџик ќе изработат Стратегија за развој на соработката во образованието помеѓу училиштата од Кочани и Пазарџик.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 96.530,00 евра.

Проектот се планира да заврши до септември 2017 год.