Единицата за управување со проектот за третман на отпадните води денеска одржа работна средба во просториите на Општината.

– Во наредниот период консултантска куќа Ернст Бастлер и Партнер АГ од Швајцарија ќе врши евалуација на пристигнатите понуди за проектант и изведувач на проектот. До крајот на овој месец ќе се одлучи која компанија ќе биде изберена за изведување на проектантските, технолошките, градежните, заштитните и другите работи од проектот – соопшти по средбата градоначалникот Димитровски, кој е член на Единицата за управување со проектот.

Проектот за третман на отпадни води – Кочани започна да се реализира во октомври 2015 година од КЈП „Водовод“ и Општина Кочани, со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија и Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот опфаќа изградба на пречистителна станица за отпадни води и изградба на колектор долг околу 10 км преку кој ќе се одведуваат отпадните води од Кочани, но и корпоративен развој на „Водовод“ и кампања за зголемување на јавната свест.

Подобрувањето на системот за отпадни води, ќе придонесе за здрава животна средина, безбедно земјоделско производство, заштита на природните ресурси и забразување на локалниот економски развој.