По неодамнешната средба на Унгарската трговска комора со стопанственици од Кочани, амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Јожеф Бенце, оствари работна средба со градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.

Целта на посетата беше да се изнајдат можности за продлабочување на досегашната соработка.

Амбасадорот Бенце ја нагласи поддршката што ѝ ја дава Унгарија на Република Македонија во евроинтегративните процеси. Тој го истакна и задоволството од соработката на Кочани и унгарскиот град Сигетсентмиклош, додавајќи дека во наредниот период ќе се работи на утврдување на можностите за регионална соработка – помеѓу регион од Унгарија и Источниот плански регион.

– Ако оризот е вашето бело злато, тогаш геотермалните води ви се дијамант кој допрва треба да се стави во корист на општината и граѓаните – додаде Бенце, истакнувајќи дека овој крај изобилува со ретки природни ресурси.

Градоначалникот Ратко Димитровски соопшти дека постојат многу начини за проширување на соработката, на кои интензивно ќе се работи во наредниот период.

Во рамките на агендата, Димитровски и Бенце го посетија системот „Геотерма“.