Министерот за земјоделство Михаил Цветков и градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски свечено го пуштија во употреба првиот систем „капка по капка“ -наводнување на поле со ориз во Македонија. Системот е поставен на опитна парцела на Институтот за ориз од Кочани како донација од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси кофинансиран од Швајцарската амбасада во Македонија во соработка со Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем од Скопје.

Со донирање на овој и уште еден ваков систем во селото Чешиново, Проектот отпочна нова иницијатива за рурален развој наречена „Одржливо производство на ориз 2016“ со која ќе ги демонстрира предностите на системите „капка по капка“ над конвенционалното наводнување. Системите „капка по капка“ се лесни за употреба, заштедуваат многу време, драстично ги зголемуваат приносите, го намалуваат плевелот и користат значително помалку вода од конвенционалното наводнување кое бара поплавување на полињата со ориз.

Од 2013 до 2015 година, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси има поставено системи за наводнување „капка по капка“ и воведено напредни земјоделски протоколи на 280 полиња (280 хектари) со пченка и сончоглед во Полог, Пелагонија, Североисточниот и Вардарскиот регион. Со помош на овие системи, земјоделци успеаја да ги зголемат приносите за два до три пати, да користат 30-60 % помалку вода, а притоа да потрошат десетпати помалку време на наводнување.