Основно училиште „Малина Попиванова“ ја пушти во употреба сензорната соба наменета за ученици со пречки во развојот.

Кочани е една од трите општини, со Штип и Делчево, каде, со проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој преку Источниот плански регион, со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа, се изградија сензорни соби.

– Отворањето на сензорната соба во ОУ „Малина Попиванова“ е продолжување на нашите заложби за создавање подобри услови за инклузија на децата со атипичен развој. Со сензорните соби, кои претставуваат специјално дизајнирана околина, долгорочниот ефект би бил зголемена интеграција на корисниците во образовниот систем и во општеството – рече на отворањето Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“.

Според Александар Николов од Центарот за развој на Источниот плански регион вложени се 28 илјади франци за реализација на овој проект, во кој освен опремувањето на собите ќе следува и обука на наставниот кадар од училиштата.

– Очекуваме овој проект да донесе индивидуален развој на секој корисник на сензорната соба, што ќе биде сигурен доказ за општиот придонес што сме го дале во сферата на образованието и на социјалната заштита – рече градоначалникот Николчо Илијев.

Следниот чекор за ОУ „Малина Попиванова“ повторно е поврзан со социјалната инклузија, а тоа е реализацијата на проектот од Форумот во заедницата – изградба на забавно-рекреативен центар на местото на сегашното училишно игралиште.