Дел од експедицијата на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“, којашто минатата седмица се искачи на врвот Арарат во Република Турција, денеска беше примена од градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.

– Ви честитам за постигнатиот успех, за храброста и физичката и психичката кондиција да освоите уште еден врв, и тоа во време на пандемија. Продолжете со  резултатите, вие сте вистински амбасадори на Кочани – истакна Илијев доделувајќи им признание на планинарите.  

За искачувањето до врвот и симнувањето оттаму, на планинарите Тошо Антов, Гоце Серафимов, Зоран Николов, Дејан Христов и Рено Рисковски од ПСК „Осогово“ им биле потребни пет дена.

– Планината Арарат и нејзиниот највисок врв не се лесно достапни, поради што имавме базни кампови на 3 200 и на 4 200 метри каде се прилагодувавме на висинската разлика. Кислородот во воздухот на врвот Голем Арарат е само 11 %, што доволно илустрира за колку напорна активност станува збор и каква е потребната психофизичка подготвеност. Сепак, успеавме сите петмина да се искачиме и да го развиориме македонското знаме, истакна Гоце Серафимов, член на експедицијата на планинарскиот клуб „Осогово“.

ПСК „Осогово“ е единствениот клуб од Македонија кој во изминатиот период организираше ваков планинарски потфат. И покрај состојбата со коронавирусот и отежнатото патување во странство, за почетокот на септември кочанските планинари најавија искачување на Езерски Врв на планината Проклетие, на границата меѓу Албанија и Црна Гора.