Основното училиште „Малина Попиванова“ беше домаќин на настанот Прешернов ден во Кочани, кој го организираше Словенечкиот центар од Скопје со поддршка на Амбасадата на Словенија во Република Македонија.

– Секоја година февруари е месец на културата во Словенија и е посветен на големиот поет, д-р Франце Прешерн. Им благодариме на сите од училиштето и од Кочани што помогнаа во реализацијата на овој настан, за да направиме мост на зближување меѓу Македонија и Словенија, рече заменик-амбасадорката Мира Лесјак.

– Задоволство ми е што великанот на словенечката поезија, Франце Прешерн, но и нашите современици што го почитуваат неговото творештво, нè спојуваат овде, зближувајќи два јазика, две култури, македонската и словенечката. Токму ваквите настани се вистински празници на пријателството, а најмладите се тие што можат да градат свет на почит и љубов, и умеат да придонесат во одржувањето на врската меѓу Македонија и Словенија и луѓето што живеат во нив, рече во обраќањето пред присутните градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Присутните на настанот се запознаа со животот и значењето на Прешерн во словенечката историја. Прешерновиот ден беше одбележан со музика и поезија интерперетирана од ученици, на македонски и на словенечки јазик.