Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води се одвива според планираната динамика и може да се очекува градежните работи да завршат до крајот на оваа година.

Ова го соопшти Клиф Хамер, регионален советник во Државниот секретаријат за економски прашања, SECO, кој со претставници од швајцарската консултантска куќа „Ернст Бастлер и Партнер“, го следат реализирањето на инвестицијата.

– Се очекува Пречистителната станица да биде готова до крајот на оваа година, што значи дека се наближуваме кон самиот крај. Уште една компонента што не се гледа е колекторот што треба да ги пренесе отпадните води од Кочани до самата станица, што е еден друг вид конструкција и градежните работи течат, но се работи за критична фаза – изјави Клиф Хамер.

– Кај примарниот колекторски систем има извесно пролонгирање на рокот за изградба, а единствена причина за тоа е што поголем дел од цевководот поминува под оризовите ниви. Со оглед што оризот е во фаза на вегетација, не сакаме со копањето на каналите за цевките да им предизвикаме штети на земјоделските производители, па ќе мора да се почека крајот на жетвата, рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Градоначалникот најави дека заради заштеда и намалување на трошоците за електрична енергија се планира да се изгради и фотоволтаична централа, за што ќе решава и управното тело на овој проект.

Целиот комплекс ќе биде опремен со најсовремена технологија за пречистување на отпадни води, со мала површина и минимални трошоци за експлоатација и одржување.

Во пречистителната станица кај Мојанци ќе бидат третирани отпадните води од Кочани и од околните рамничарски села, со капацитет од 58 илјади еквивалент жители. За нејзината изградба Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди грант од 21 милион швајцарски франци, а околу 2 милиони евра се од Буџетот на Република Македонија.