Асфалтирањето на паркиралиштето, станбената и пристапната улица на северната страна од блокот згради на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани се очекува да биде еден од првите инфраструктурни зафати во оваа година. Општина Кочани веќе распиша оглас за јавна набавка за изградба на Станбена улица 1 – крак 1, и на пристапна улица во централното градско подрачје.

Се планира асфалтирање на станбена улица во должина од 250 м и изградба на тротоари од двете страни на улицата. Асфалтен слој со дебелина од 7 см, ќе биде поставен на коловозот и паркиралиштето, на вкупна површина од 1 800 м2. Ќе бидат вградени рабници  и решетки за атмосферска вода.

Пристапната улица е со должина од 100 м, а ширината на коловозот се движи од 7 до 9 метри. Вкупната површина што ќе биде опфатена со асфалтирање изнесува 550 м2.

Со изградбата на објектите за станбено домување и новиот комерцијален простор на овој дел од централното градско подрачје се зголеми фреквенцијата во сообраќајот, а со тоа и потребата од простор за паркирање, па уредувањето се појави како повеќе од итно и неопходно. Изминативе две години, Општина Кочани изврши пробивање и трасирање на овие улици и  постави водоводна и канализациска мрежа. Дополнително сообраќајно олеснување ќе биде и изградбата на новата коловозна лента на „Стево Теодосиевски“, која се планира за средината на тековната година.

Понудите за учеството на огласот за јавна набавка за изградба на двете улици и паркиралиштето зад станбениот комплекс на „Стево Теодосиевски“ можат да се достават до 25 јануари 20201 г.