Во присуство на заменик-министерот за труд и социјална политика, Демир Хусеин и претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија, Драги Аргировски, во кочанското Здружение на пензионери беше промовиран проектот за изградба на регионалниот дом за стари лица во Кочани.

– Значењето на овој дом е големо затоа што тој ќе биде прв од таков вид во источниот дел на Македонија. Очекуваме со јавно-приватно партнерство и со поддршка на државните институции брзо да ја обезбедиме солидни услови за престој и згрижување на старите и изнемештени лица од регионот – рече Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани, во обраќањето пред присутните.

Заменик-министерот Хусеин ги потенцираше настојувањата не само на Министерството за труд и социјала, туку и на сите други министерства во реализацијата на овој проект кој е влезен во Националната стратегија на пензионерите од 2010-2020 година.

Предвидено е објектот да се гради на околу 16 илјади м2, на простор во поранешната касарна „Гоце Делчев“ во Кочани, при што на половината од оваа површина е предвидено зеленило и други содржини кои на станарите ќе им го направат животот попријатен. Домот ќе има приземје, три ката, потпокрив и две подрумски простории. Во него ќе има 144 легла, простории за медицинска нега, за забава и рекреација, простор за фотоволтаична електрична централа, врска со гетермалните води. Според проектантот, фирмата „Вектор“ од Струмица, планирана е изградба со градежни материјали кои покрај современ изглед, ќе обезбедат и трајност на објектот.

Изработката на проектот за изградба на домот за стари и изнемоштени лица во Кочани чини 1,5 милиони денари, со вклучен ДДВ, средства обезбедени од проектот „Грантова шема за поддршка на Источниот регион“, преку ГИЗ РЕД Програмата за регионален економски развој во Македонија.