По повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ и Општина Кочани организираа дебата на тема „Размислувај еднакво, гради паметно, со иновација за промена“, што претставува овогодишна глобална тема за празникот и на Програмата за жени на Обединетите нации – UN Women.

Со средношколците и професорите од двете средни училишта во Кочани дискутираа Кристина Хаџи Василева – менторка на Општина Кочани за родови прашања; Бисера Ушинова од Штип – сопственичка на Агенција за посредување при вработувања во земјава и во странство и Соња Гушкова – електроинженерка, вработена во КЈП „Водовод“.

Настанот се организираше како дел од активностите од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани, со цел на младите да им се предочи значењето на долгогодишната борба за родова еднаквост и да се најдат начини да се премостат пречките и да се забрза прогресот кон економската, социјалната и политичката еднаквост.

Разговарајќи за родовите стереотипи и предрасуди во нашата средина, на дебатата се отворија и прашањата дали има ли доволно простор за жената во технологијата, иноваторството, индустријата – како двигатели на развојот во XXI век, и може ли да се најдат начини преку кои иновацијата може да ги премости пречките и да го забрза прогресот кон родовата еднаквост.